Се очекува енергетската ефикасност оваа година да го забележи најслабиот напредок во последната деценија, создавајќи дополнителни предизвици за светот во постигнувањето на меѓународните климатски цели, соопшти Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) во новиот извештај објавен во четврток.
Намалувањето на инвестициите и економската криза значително го забавија напредокот во енергетската ефикасност оваа година, на половина од стапката на подобрување забележана во претходните две години, соопшти ИЕА во својот извештај за енергетската ефикасност 2020.
Глобалниот интензитет на примарна енергија, клучен индикатор за тоа колку ефикасно светската економска активност ја користи енергијата, се очекува да се подобри за помалку од 1 процент во 2020 година, што е најслабата стапка од 2010 година, според извештајот. Таа стапка е далеку под онаа потребна за успешно справување со климатските промени и намалување на загадувањето на воздухот, соопшти ИЕА.
Според проекциите на агенцијата, се очекува енергетската ефикасност да обезбеди повеќе од 40 проценти од намалувањето на емисиите на стакленички гасови поврзани со енергијата во следните 20 години во Сценариото за одржлив развој на ИЕА.
Пониските инвестиции во енергетски ефикасни згради и помалата продажба на нови автомобили во услови на економска криза дополнително го влошуваат бавниот напредок во енергетската ефикасност оваа година, забележа агенцијата со седиште во Париз.
Глобално, инвестициите во енергетска ефикасност се на пат да се намалат за 9 проценти оваа година.
Следните три години ќе бидат критичен период во кој светот има шанса да го промени трендот на забавување на подобрувањето на енергетската ефикасност, соопшти ИЕА.
„За владите кои сериозно се сфаќаат за зголемување на енергетската ефикасност, лакмус-тестот ќе биде количината на ресурси што ќе ја посветат на тоа во нивните пакети за економско закрепнување, каде што мерките за ефикасност можат да помогнат во поттикнувањето на економскиот раст и создавањето работни места“, изјави Фатих Бирол, извршен директор на ИЕА.
„Енергетската ефикасност треба да биде на врвот на листите со задачи на владите што се стремат кон одржливо закрепнување - таа е машина за работни места, ја поттикнува економската активност, им заштедува пари на потрошувачите, ја модернизира виталната инфраструктура и ги намалува емисиите. Нема изговор да не се вложат многу повеќе ресурси во неа“, додаде Бирол.
Време на објавување: 09.12.2020